Skip to content Skip to footer

Нѐ удавува тоа што не научивме да пливаме

ВИ не доаѓа како бран што ќе нè удави сите. Доаѓа како бран што ќе ги помести правилата и ќе ги награди оние што научиле да пливаат. А токму тука е најважната вистина што ретко се кажува на глас: стравот од вештачката интелигенција

ВИ не доаѓа како бран што ќе нè удави сите. Доаѓа како бран што ќе ги помести правилата и ќе ги награди оние што научиле да пливаат. А токму тука е најважната вистина што ретко се кажува на глас: стравот од вештачката интелигенција не доаѓа од технологијата. Доаѓа од нејасноста. Нејасност за тоа што точно ќе се смени, каде ќе се отвори шанса и кој ќе плати цена ако остане ист.

Пишува: М-р Анита Спасовска, поранешен менаџер во FMCG секторот, денес консултант за човечки капитал и организациски развој, НЛП тренер и асистент на NLP Institute Slavica Squire (Белград), генерален директор на Вајз Консалтинг и креатор на програмите на Вајз Институт за лидерство, комуникација и „future skills“.

Во FMCG нема „утре“. Има темпо, притисок, таргети, акции, залихи и вечната команда „сега, одма“. Од таа перспектива ќе кажам нешто едноставно: отпорот кон промени е човечки. Не затоа што луѓето не сакаат подобро, туку затоа што промената носи непознато. А непознатото веднаш ги активира истите три прашања: „Дали сум безбеден? Дали ќе се снајдам? Дали ќе бидам доволно добар? Стравот расте експоненцијално кога во промената нема ред. Кога нема јасна слика што се очекува. Кога нема правила. Кога нема фер-игра.

Со други зборови: луѓето не се плашат само од промените. Луѓето најмногу се плашат кога промените доаѓаат без чувство на контрола.

Ние денес живееме во парадокс. Од една страна, јавноста е преплавена со наративи за „замена на луѓе“. Од друга, компаниите веќе чувствуваат дека не им недостига технологија, туку им недостигаат луѓе што знаат да ја претворат технологијата во резултат. ВИ не „јаде“ работни места, ВИ јаде задачи. И тоа најпрво ги јаде најлесните, најповторливите, најпредвидливите задачи. Токму оние што се стартна рампа за многу млади и „безбедна рутина“ за многу средни позиции.

Затоа е важно да ја смениме перспективата: најголемата тема не е дали ќе исчезнат улоги. Најголемата тема е што ќе се случи со „првото скалило“ на кариерата кога голем дел од entry-level задачите ќе станат автоматски. Ако првото скалило се скрати, не се менува само пазарот на труд. Се менува целата логика на учење, напредување, менторство и градење на талент.

И сега доаѓаме до трендовите затоа што ова што ни се случува „дома“ не е локален феномен. Тоа е глобална промена во која три големи бранови се преклопуваат и ја редизајнираат работата: преместување кон вештини, преместување кон автоматизирани одлуки и преместување кон нови правила на доверба и одговорност.

Светот се оддалечува од титули и се движи кон вештини. Позициите се распарчуваат на задачи, задачите се распределуваат меѓу човек и технологија, а човекот што останува релевантен е оној што носи контекст, расудување и одлука. Ова звучи „глобално“, но кај нас има многу проста проверка: колку луѓе навистина знаат да донесат одлука на терен, а колку само „исполнуваат чек-листа“? Кога ВИ ќе ја превземе чек-листата, ќе останат оние што знаат да мислат.

Генеративната ВИ донесе брзина: да се напише текст, да се направи прв нацрт, да се скрати администрација. Но, агентската ВИ оди понатаму. Таа не е само „пишувач“. Таа е „извршувач“. Не ја прашуваш „направи ми извештај“, туку ѝ даваш цел и таа сама бара начин да ја испорача. Во FMCG ова е моќно затоа што играта се добива со брзина и прецизност. Но е и опасно, затоа што една погрешна одлука не останува на екран. Станува празна полица, промашена акција, погрешна нарачка, рекламации. Таа е репутациски трошок.

И тука доаѓаме до уште една поента: Агентите можат да извршуваат, но одговорноста не се автоматизира. Одговорноста не се делегира на алгоритам, таа останува кај човекот. Затоа зрелите компании не почнуваат со „што сè може ВИ?“, туку со прашањето „каде не смее без човек“. Каде мора контрола и каде системот смее да предложи но,  не смее да одлучи?

Која е реалноста во нашите компании?

Најголемиот проблем кај нас не е дека немаме технологија. Проблемот е што имаме процеси што се потпираат на импровизација, лични договори и „ќе се снајдеме“. И во таков систем, ВИ не ја решава хаотичноста, ја забрзува. Ако внесеш ВИ во нејасен процес, добиваш побрз хаос. Ако внесеш ВИ во јасен процес, добиваш брза ефикасност.

ВИ нема да ги победи тие што се најпаметни. Ќе ги победи тие што се нејасни во целите.

Јасни во процесите. Јасни во улогите. Јасни во одговорноста. Јасни во тоа што е „добар резултат“. Јасни во тоа каде технологијата смее, а каде човекот мора.

Затоа што, на крајот, не нè удавува бран. Нè удавува тоа што не научивме да пливаме.